На хируршките клиники неделава ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за КОВИД-пациенти
Foto

На хируршките клиники неделава ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за КОВИД-пациенти

Поставеноста на системот на интерните клиники во Скопје покажа дека добро функционира, дава резултати во поголем број оздравени пациенти и доволен број слободни кревети. Капацитетите брзо се пополнуваат, но скоро воопшто не се чека за хоспитализација, не само на пациенти од Скопје, туку од секаде низ државата, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој се сретна со директорите на повеќето скопски клиники во кои се отворени КОВИД-центри, како и со раководството на  ГОБ „8 Септември“. На средбата, меѓу другото, како што соопшти Министерството за здравство, беше речено дека на хируршките клиники неделава веќе ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за лекување КОВИД-пациенти, но тие засега остануваат дополнителен капацитет.

Министерот потенцираше дека од клучна важност е да не се намали редовниот програм на клиниките за акутните и хроничните пациенти кои имаат потреба од лекување.

-Овој критичен период ќе продолжи и во наредните недели, целиот кадар на јавно-здравствените установи е мобилизиран, а притисокот врз болниците очекуваме да продолжи и во следните месеци, затоа од клучна важност е граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од КОВИД, подвлече Филипче.

На состанокот стана збор за состојбата на пациентите хоспитализирани во КОВИД-одделенијата, усогласеноста и функционирањето на интерните клиники, бројот на слободни кревети и дали здравствените работници имаа дополнителна потреба од заштитна опрема за работа.

0 Коментари

Остави коментари