На Грција и пречи што „Аце наш“ сега го викаме Александар Велики
Атина повторно го отвора прашањето за содржината на учебниците по историја во Македонија. Преку механизмот предвиден со Преспанскиот договор, грчката страна бара отстранување или измена на формулации што ги оценува како иредентистички и ревизионистички, особено оние што се однесуваат на Македонија, античките Македонци, Александар Велики и поширокиот историски наратив.
Заменик-министерката за надворешни работи на Грција, Александра Пападополу, од собраниската говорница изјави дека ваквите формулации се спротивни на обврските преземени со Преспанскиот договор, повикувајќи се на членовите 7 и 8, кои го опфаќаат прашањето на терминологијата и историските и образовните прашања. За содржината на учебниците, пак, Пападополу посочи дека нивната подготовка и одобрување се во надлежност на Министерството за образование.
Александра Пападополу, заменик-министерка за надворешни работи на Грција
„Грчката страна бара отстранување на формулациите што имаат ревизионистички или иредентистички карактер и очекува одговор од другата страна, со укажување дека употребата на погрешна терминологија во конкретниот случај не го прекршува само Договорот од Преспа, туку и самиот Устав на Северна Македонија“, изјави од собраниската говорница Пападополу.
Телевизија 24 побара став од Министерството за образование и наука во однос на ставовите на официјална Атина. Оттаму кратко ни одговорија дека нема да имаат реакција по ова прашање.
За македонските историчари, реториката на официјална Атина претставува дипломатски притисок. Дел од нив сметаат дека прашањата поврзани со толкувањето на историските настани треба да се разгледуваат првенствено во научен, а не во политички контекст.
Инаку, согласно Преспанскиот договор, Заедничката интердисциплинарна комисија на експерти за историски, археолошки и образовни прашања беше формално формирана во септември 2018 година, а со работа започна во ноември истата година.
Досега се одржани 11 средби на Комисијата. На последната средба, одржана во мај годинава во Атина, двете страни се договорија да продолжат со работата во согласност со Преспанскиот договор, а следната средба да се одржи во Македонија.

