На ГП "Дојран" за излез кон Грција се чека до 30 минути, на грчка страна до еден час, на „Богородица“ од земјава излегле близу 22 000 патници
Викенд метеж на граничниот премин "Дојран" е евидентиран денеска уште од раните утрински часови, потврдуваат одговорните од преминот, а за зголемена фреквенција на возила на истата граница за излез кон Грција, информираат и од Авто мото сојузот на Македонија.
Од АМСМ велат дека времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути. На граничниот премин, за МИА потврдија дека колони од возила има од утрото, а сега полека метежот се намалува.
- Имавме неколкукилометарска колона, која сега е намалена. На македонска страна се чека од 20 до 30 минути, но на грчка страна застојот е двојно поголем. Најголема бројка на возила имаме во раните утрински часови, а истото го очекуваме и по 18 часот кога луѓето обично се враќаат. Од досегашното искуство вакви гужви имаме за време на викендите, особено во неделите, и на рамните дати - 20 јули, 30 јули, 10 август, а секако има и за 1 август. Тогаш се прават смени во аранжманите и затоа овие дати се критични, велат од ГП "Дојран".

