На две недели до стартот на новата учебна година од МОН информираат за состојбата со учебниците

Школската година учениците од прво, второ, четврто и петто одделение ќе ја почнат со нови учебници по сите предмети. Исклучок ќе биде учебникот по Историја и општество за петто одделение но ќе има помошен материјал додека не се изработи и достави учебникот. Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години. Учебниците за трето и шесто се во изработка, иститте се очекува да стигнат во рацете на учениците по почетокот на учебната година информираат од МОН.

Универзитетскиот професор, Ратко Дуев, истакнува дека за образовните реформи потребен е еден наш национален консензус од сите политички фактори во државата бидејќи постојаните законски измени и реформи само ја влошуваат состојбата во образованието.

„Ако тргнеме дека без образование немаме иднина и држава јасно е дека нашата држава треба што поскоро да се зафати со овој комплексен проблем бидејќи некако од минатото па до денес сите тие реформи не донесоа некој голем напредок, мораме да кажеме дека не се беше толку лошо.“- вели универзитетскиот професор, Ратко Дуев.

Околу учебниците, професорот Ратко Дуев вели дека важна е програмата и целите кои што ги има таа програма а учебникот е само алатка.

 

„Мораме да напоменеме дека учебникот не е клучен во реализација на наставата но некако ние нешто од стариот систем нешто од овие нови измени, направивме еден хибриден модел којшто гледаме дека во голема мера не дава некои големи резултати. Затоа јас постојано напоменувам дека мора да направиме една сеопфатна темелна реформа, а кога ќе с епостават постулатите и правецот којшто нема да зависи од промена на министри, промена на владејачките гарнитури ќе се даде еден рок на имплементација и со тоа постепено ќе почне да се регулираат сите проблеми и да се решаваат сите проблеми во сите степени на образованието па и проблемот со учебници.“ - вели универзитетскиот професор, Ратко Дуев.

Обидот за постојани реформи во сите етапи од образованието е одлика на сегашноста која што не иззема дури и од Шангајската листа, коментираат дел од професорите со кои поразговаравме. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека УКИМ не се најде на Шангајската листа затоа што приоритетите на владата се насочени кон провизии, матни зделки и непостоечка грижа за иднината на Македонија.

 

„Додека инвестициите од буџетот за наука изнесуваат срамни 0.3%, владината коалиција одбра платите на министрите да ги зголеми за 78% отсто. Додека власта се обидува да протурка решение со кое студентот треба да преживува со мизерни 140 денари на ден, новите објекти на ФИНКИ и ФФК се оставени да скапуваат, а средствата ги пренасочи кон задоволување на бизнис интересите на своите партнери од ДУИ.“- вели Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Професорот Ратко Дуев вели дека треба да се направи кадровска и финансиска автономија коментирајќи го моментот со Шангајската листа за пример го зема филозофскиот факултет во Белград каде за последните 4 години биле вработени 143 млади истражувачи додека на филозофскиот факултет во Скопје речиси и да нема млади истражувачи.

 

„Проблемот со Шангајската листа исто така е еден сложен проблем затоа што јас напоменував многу пати дека мора првенствено мора да се смени начинот на финансирање на високото образование, кадровската политика, да се дојде до вистинска автономија за да можеме да напреднеме на сите тие листи.“ - вели универзитетскиот професор, Ратко Дуев.

 

Според дел од професорите во високото образование со кој поразговаравме велат, лесно е да се пренесе информација дека УКИМ го нема на Шангајската и другите листи кои мерат рејтинзи но тешко на држава која не инвестира и не води грижа за квалитетно и стабилно образование поставено на цврст темел кој нема да може ниту една политичка партија да го разниша, во спротивно медиумите и понатаму ќе информираат дека не нема на Шангајската листа.