На Денот на органодарителството луѓето со вградена механичка потпора лути на празните ветувања
Да започне трансплантацијата на срце кај пациентите со механичка поддршка, е пораката со која денеска здружението „Храбро срце“ го одбележува денот на органидарителството. Со години добиваат само ветувања а досега не е извршена ниту една ваква трансплантација во земјава.
Пред години биле вкупно 25 пациенти со механичка пумпа но бројот се намалува, и сега се само десетина. Во Охрид и Струга има двајца пациенти 31 и 38 години. И двајцата чекаат ваков оперативен зафат. Во ситуација кога ќе има донор бараат државата да обезбеди владин авион за да се донесат стручни лица од странство кои ќе ја изведат операцијата.
Овие пациенти се врзани со механичка пумпа 24 часа и се целосно зависни од напојување. Струјата и батериите им значат живот. Секојдневно животот им е на ризик а единствената надеж им е трансплантацијата на срце.
На Светскиот ден на органидарителството денеса во Охрид се делеа едукативни флаери за подигнување на свеста кај населението за донирањето и спасувањето на човечки животи.