На денешното рочиште за „Синџир“ потврдени казните за 6 лица кои признаа вина

Денеска во Кривичниот суд во Скопје се одржа уште едно рочиште за случајот „Синџир“ на кое беа потврдени пресудите на шестмината кои признаа вина, од триесетчлената група која перела пари и затајувала данок со што го оштетила буџетот за 8 милиони евра.

За четворица од нив изречени се затворски казни во висина од една до две години, како и парични во износ до две илјади евра. Изречена е и една условна казна. Овие шестмина во буџетот вратиле и милион евра а на фирмите со кои раководеле и учествувале во матната зделка, судот покрај паричните казни им забрани да учествуат во јавни повици и концесии. 

Обвинетите паричните средства што ги прибавиле со казниви дела во износ од околу 40.046.815 денари ги пуштиле во оптег, ги примиле и извршиле пренос на истите, по што ги подигнале во готово.

Во период од јануари 2019 година до декември 2021 година во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметувале и не платиле данок - давачка на која биле законски обврзани. Само еден од шестмината кои вчера пред Судот признаа вина, Јетон Каба, доби условна казна затвор поради склучена спогодба со УЈП да го отплаќа долгот на десет рати. 

Во случајот Синџир обвинети беа над триесетина физички и правни лица државата е оштетена со околу 8 милиони евра даночно затајување. Истражната постапка против 26 - те сопственици и управители на 28 правни лица беше започната на 30 октомври 2023 година. Во меѓувреме, истрагата беше проширена за уште две лица, а за едно лице кое при оценка на Обвинителниот акт почина е донесено Решение за запирање на постапката.

Уште шест лица најавија дека ќе признаат вина, додека останатите ќе се бранат со докази кои според нив ќе им ја потврделе невиноста.