На 30 септември Брисел ќе ги објави новите правила за проширувања
Брисел на 30 септември ќе го открие новиот план за реформа на проширувањето на ЕУ. Европската Комисија треба да усвои и објави нова комуникација – документ со нови насоки за земјите кандидати за членство во ЕУ.
Според агендата на Колеџот на комесари, документот ќе биде усвоен и објавен на крајот на септември, а на 15 октомври за него ќе дебатираат и лидерите на ЕУ за време на Самитот на Европскиот Совет.
Европскиот портал - „New Union Post“ пишува дека по една година доцнење – насловот на комуникацијата е ревидиран.
- Во споредба со оригиналната верзија, насловот на предлогот е променет - од „ЕУ подготвена за проширување: прегледи на политиките и реформи“ во едноставно „Прегледи на политиките пред проширувањето“.
И додека Комисијата ги работи новите предлози – експертите предупредуваат дека со промената на насловот Брисел ја намалува и политичката амбиција. Драган Тилев , во 24 анализа предупредува дека новото забрзување на процесот на проширување може да ја остави Македонија во чекалницата на ЕУ.
Во пресрет на новите предлози на Комисијата и пораките на еврокомесарката Марта Кос дека официјално Скопје не треба да чека гаранции од ЕУ, Тилев предлага усвојување на закон за заштита на идентитетот кој би служел како правен штит против било кој притисок.
– Дојдено е можеби она време, кога ќе треба да кажеме – гаранициите ќе треба сами да си ги дадеме, да ги подигнеме ѕидовите преку кои не може да се поминува. Говорам за посебен закон за заштита на идентитетските белези во пристпаните преговори и неприфаќање да се дискутира за тоа – па дури да подлежи и на кривична одговорност доколку такво нешто се случи, вели Драган Тилев експерт за ЕУ и советник на претседателката на државата.
А професорот по уставно право Светомир Шкариќ, пак, во интервју за тв 24 вели дека Протколот 2 со Бугарија , ги преминува границите на записник.
- Не е велепредавство, нема елементи на велепредавство, но има елементи на кривично дело – злоупотреба на службената должност. Всушност донесен е нов договор. Тој нивен записник- како што го нарекуваат , би требало да се оформи во нов договор и да оди на ратификација во Собранието, вели Светомир Шкариќ универзитетски професор по уставно право.
Во услови кога новиот европски воз можеби добива побрз колосек, Македонија се уште стои на перонот – меѓу обврските од преговарачката рамка и барањето за гаранции пред уставните измени.

