На 20 ти мај во Собранието ќе се гласа за нов гувернер - во трка Ставрески, Славевски, Бежовска
Зоран Ставрески, Трајко Славевски и Анита Ангеловска Бежоска, ова се главните кандидати за гувернер на Народната Банка. До крајот на неделава ќе се знае кандидатот кој ќе добие поддршка и од власта, а на 20ти месецов ќе има и официјален избор во собранбието од страна на пратениците.
Но, освен овие, листата на можен прв човек на Централната банка се надополнува и со Маја Кадиевска Војновиќ и Борче Треновски. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека веќе разговарал со претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, а веќе договорил и со собранискиот спикер Африм Гаши точката за избор на гувернер да се најде на дневен ред пред пратениците во понеделник, со што рокот за избор ќе биде испочитуван. Според Мицкоски, сите кандидати кои се во игра се исклучително квалитетни кадри.
„Не е битно кој е мој фаворит лично, она кое можам да го кажам како претседател на владата е дека сите кандидати кои што се разгледуваат се вонсериски, искусни и кандидати кои што убеден сум дека ќе ја одржат макроекономската стабилност на Македонија.“ - Христијан Мицкоски премиер.
Според процедурите, шефот на државата предлогот за гувернер на Народната банка го доставува во Собранието. А за негов избор се потребни 61 гас од пратениците, односно мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието. Мандатот на гувернерот на Народната банка трае седум години.
Инаку, актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска во нејзиниот мандат доби неколку признанија од еминентни меѓународни финансиски институции за менаџирањето на макроеконмската стабилност и тоа во време на енергетската криза и борбата со инфалцијата. Во овој нејзин мандат Македонија направи историски чекор во делот на прекуграничните плаќања, односно стана членка на СЕПА. Екс министерот за финансии од времето на Никола Груевски пак, Зоран Ставрески кој сега Мицкоски го ангажираше како советник за финансии и банкарство во јавноста остана познат по изјавата од прислушкуваните материјали, кога на Гордана Јанкуловска и вели „Ние сме лудаци, немаме за леб а трошиме на чоколади“. Ставрески има работно искуство и во Светска банка. Трајко Славевски, кој исто така беше министер за финансии од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, сега претседава со советот на Град Скопје и е професор на Економскиот факултет во Скопје.
Што се однесува со Маја Кадиевска Војновиќ таа има искуство како вицегувернерка на Народната банка, но има искуство и во делот на комерцијалните банки, а беше и дел од најтесното раководство на ВМРО ДПМНЕ. Професорот од Економскиот факултет Борче Треновски повеќе години е дел и од Советот на Народната банка.