МЗТ со нов гостински пораз

МЗТ Скопје остана без триумф на гостувањата во АБА-лигата откако македонскиот првак загуби на денешниот меч во Белград против Мега со резултат 93-86. „Металците“ одиграа одлична прва четвртина, но потоа дојде до голем пад што придонесе аеродромци повторно да останат со празни раце надвор од својата сала. Денешниот пораз значи и останување на последното место на табелата, со што уште повеќе се отежнува работата во борбата за опстанок.

МЗТ Скопје не само што парираше, туку и беше подобар противник во текот на првата четвртина во која македонскиот првак го контролираше темпото, а нападот функционираше беспрекорно. Финишот од првата четвртина мина во знакот на „металците“, кои набрзина се одлепија на 20-27, за по десет минути игра резултатот да гласи 22-27, по поените од линијата за слободни фрлања што ги постигна Бранковиќ. Со тројката на Кук на самиот почеток до втората четвртина МЗТ стигна и до најубедливи 22-30, но како што минуваше времето така домаќините се полесно го наоѓаа патот до кошот на „металците“, но и во одбраната најдоа лек за избраниците на Гаги Николиќ.