МЗТ Скопје се закани со кривична пријава против Перо Антиќ
Foto

МЗТ Скопје се закани со кривична пријава против Перо Антиќ

Продолжува „војната“ меѓу МЗТ Скопје и челниците на КФМ. Аеродромци со допис бараат враќање на над 17.000 евра или се заканија со кривична пријава за Перо Антиќ.

Актуелниот шампион смета дека поради фактот што првенството беше поништено без да биде прогласен шампион, поради пандемијата со коронавирусот, прволигашите се оштетени и дека треба да им се вратат сите пари уплатени од почетокот до крајот на сезоната 2019/20. Според луѓето од МЗТ, ова воедно е и прв чекор во најавената борба против предводниците на макбаскетот, поради, како што велат, нивната лоша работа, непотизам и ставање на личните интереси пред доброто на македонската кошарка.

Ова е соопштението од МЗТ Скопје Аеродром:

„МЗТ Скопје Аеродром би сакал да ја извести јавноста дека останува доследен на своите заложби искажани во периодот во кој челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) правеа сѐ што можеа да ја поништат сезоната 2019/20 без да прогласат шампион, па денеска и официјално испрати допис до Куќата на кошарката во кој си ги бараме сите пари кои ги уплативме на нивната сметка од почетокот до прекинот на првенството.

Правните соработници на нашиот клуб сметаат дека со одлуката за поништување на сезоната се оштетени нашата, но и сите други прволигашки екипи, на кои им е нанесена голема метеријална штета. МЗТ Скопје Аеродром до средината на март на сметка на КФМ уплати 1,06 милиони денари (нешто повеќе од 17.000 евра), кои бараме да ни бидат вратени од страна на Перо Антиќ и од неговите соработници и тоа во рок од - три дена.

Ако челниците на македонската кошарка во овој рок не ги уплатат на сметката на клубот парите кои ние им ги дадовме за да ја организираат Првата лига, а потоа и да ја завршат според личниот и според интересот на нивните коалициски партнери, тогаш ќе бидеме принудени да изготвиме и да поднесеме пријава за сторени кривични дела. Од Основното Јавно обвинителство ќе побараме да поведе постапка за кривичен прогон против овластеното лице на КФМ, односно против претседателот Перо Антиќ и тоа за кривично дело „Измама“, како и за кривично дело „Злоупотреба на службена должност“.

Ова е само наш прв конкретен чекор во најавената борба против раководството на КФМ, поради нивната лоша работа, непотизам и ставање на личните интереси пред доброто на македонската кошарка, што јавноста можеше да го види од небулозниот начин на кој ги истуркаа одлуките за поништување на кои уште од самиот старт инсистираа, без разлика на актите, процедурите и на последиците. Сѐ останато што споменавме во изминатиот период, меѓу што е и размислувањето дали ќе играме во Првата лига следната сезона и понатаму стои како опција, која би можеле да биде официјализирана на некоја од седниците на нашиот Борд на директори во периодот кој следува“, велат од таборот на шампионот.

Првата лига беше прекината кон средината на март, на едно коло пред крајот на првиот дел од првенството, кога МЗТ Скопје беше лидер на табелата со две победи повеќе во однос на Работнички и на Гостивар.

0 Коментари

Остави коментари