МЗШВ ќе бара проверка на откупот на земјоделските производи

Голем број семејства оставени на пропаст, да се справуваат сами, без никаква институционална интервениција, а згора на тоа и без исплатени субвенции. Толку го вреднуваат нашиот труд, се жалат земјоделците од струмичкиот регион и тврдат дека килограм пиперка чини колку една чоко бананка, што впрочем е најефтиниот производ кој може да се најде во продавница. 

МЕСНО ЗДРУЖЕНИЕ НА МЛАДИ МУРТИНО: Како градинари веќе повеќе од месец дена се соочуваме со катастрофално ниски цени, изманипулирани и принудени да работиме во тотална загуба, а од институциите ништо друго не видовме освен театар, осмислени одлагања и лажен пиар. Во повеќе наврати градинарите јавно го повикуваа министерот Борче Серафимовски да даде отчет за неговите интервентни активности околу цената и откупот на црвената пиперка, што направил и каква корист видовме ние од истите, одговорот на тоа беше само едно долго игнорирање. 

Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски и денес осврнувајќи се на неколкудневните протести во Струмица поради откупната цена на ајварката, нагласи дека единствениот проблем е во класификација на пиперката.

Инаку, анализите на откупот на пиперката, оризовата арпа, грозјето од сортата вранец и на други земјоделски производи покажале дека е потребен поширок институционален одговор, па затоа ресорното министерство неделава ќе поднесе иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата поради состојбите со откупот на земјоделските производи, најави Серафимовски, нагласувајќи дека покрај редовните контроли на Државниот инспекторат за земјоделство, Министерството ќе ги активира и другите законски механизми што му стојат на располагање.