„МЖ транспорт“ на продажба, 2 милиони евра загуба за шест месеци
Foto

„МЖ транспорт“ на продажба, 2 милиони евра загуба за шест месеци

Возот од Скопје до Велес доцни еден час. Меѓународниот железнички сообраќај е во прекин поради попуштен мост. Вакви вести се карактеристика за Македонски железници. Дотрајани пруги, мостови, локомотиви и ваговни, чести одрони, скап товарен сообраќај.

Сето ова доведе државната железничка компанија да е неатрактивна за корисниците. Од ден, на ден долговите се трупаат, а државата нема решение за нејзин спас. Марјан Ристески речиси целиот свој век го помина во оваа компанија. За тешката состојба во која се наоѓа железницата, тој прстот го вперува во државата.

Македонски железници се состојат од две компании, едната која ја поседува инфраструктурата, а другата е одговорна за транспортот. Вака како што се поставени и двете постојано прават огромни загуби.

За само шест месеци годинава првото е во дупка од околу 700 илјади, а второто претпријатие има загуби од речиси два милиони евра. Државата најави дека ќе го продава транспорот. Во прилог на оваа најава се и бројките дека во Македонија само 4 проценти од карго транспортот се превезува со возови, а дури 96 посто со камиони.

Тоа е нешто што го нема никаде на друго место во светот, изјави пред две години тогашниот вицепремиер за економија Кочо Анѓушев. Токму ова го прави железничкиот транспорт премногу скап за индустријата, но и ги уништува патиштата во земјата.

Со продажбата на транспортот, Владата се надева дека ќе најде инвеститор кој ќе ја подобри целокупната состојба и ќе ја направи железницата многу поатрактивна и за фирмите и за патниците. Но, загрижени се работниците.

Поучени од лошите искуства од минатото кога после продажба на државни компании, приватниот газда го намалува бројот на работниците, тие велат дека во овој случај простор за тоа нема.

Пред неколку години возниот парк на железници беше обновен со купување возови од Кина. Сепак, ниту тоа не ја подобри финансиската состојба на претпријатието. Дали спасот е во приватизацијата или државата ќе остане лош газда, ќе се знае откако ќе заврши скенирањето и ќе се одлучи дали за железници ќе се бара нов газда, ќе се избере моделот на јавно-приватно партнерство или состојбата ќе остане статус кво.

0 Коментари

Остави коментари