МЗ: Се забранува рекламирање цигари
Mодернизацијата на постојниот Закон за заштита од пушење e нормален чекор кон адаптирање на домашната пазарна реалност, но предложениот нацрт-закон ќе создаде правна неусогласеност загрозување на индустријата, удар врз малите и средни бизниси, како и поттикнување на нелегалната трговија сметаат од Групацијата за производство на цигари, која е дел од Здружението на производители на тутун и производи од тутун во рамките на Стопанската комора.
Од таму велат дека сите засегнати страни треба да бидат активно вклучени во изработката на законското решение, но и да се даде разумен период за имплементација и приспособување кон новите измени.
"Нацрт-законот за заштита од пушење е направен според словенечкиот модел, но тој не може да биде применлив во земјава, пред сé бидејќи двете држави се разликуваат по многу параметри:во Македонија суровиот тутун е стратешка земјоделска култура чие одгледување, производство и откуп се стимулирани од државата, имено во историски најголем обем на откуп и цена. Во земјава активно работат две фабрики за производство на тутунски производи, кои придонесуваат со голем удел во приходите во државниот буџет, извозниот капацитет и вработуваат неколку стотини македонски граѓани."
Неусогласеност според групацијата е изразена и во делот на изедначувањето на цигарите и алтернативните тутунски производи кое претставува назадување на постојната воспоставена регулаторна рамка и занемарувањето на бројни светски, регионални и локални истражувања кои докажале дека има значителна разлика меѓу цигарите и производите без чад .
Забраната велат би предизвикала сериозни финансиски последици врз малите семејни бизниси намалена продажба, но и поттикнување нелегална трговија.
,,Дополнително, забраната би предизвикала спротивен ефект од она што ние со години се обидуваме да го постигнеме - контролирана комуникација и обучен вработен кадар кој се грижи информацијата да стигне само до полнолетните корисници. Слично е и со забраната на производи со ароми и вкусови, која, како и кај другите забрани, нема да доведе до намалување на бројот на пушачи, туку само до намалување на приходите и поттикнување нелегална трговија, што се покажа во повеќето земји во кои се забранети аромите и вкусовите, како што е и Словенија ."
Како голем недостаток на нацрт-законот наведуваат и дека истиот не нуди решенија и прецизирање наспроти многубројните новововедени забрани за тоа како да се имплементираат предложените мерки во пракса. Недоволно прецизно и јасно се дефинирани и локациите на кои е забрането и тие на кои е дозволено пушењето и користењето алтернативни тутунски производи, што ќе овозможи различни толкувања од страна на бројните инспекциски служби и реален проблем при спроведување на прописот потенцираат од Групацијата.

