МЗ и фондот за здравство го посочуваат другиот за виновен поради немање здравствено осигурување за вработените во полиција
Вработените во МВР останаа без здравствено осигурување – од вчера се враќаат од лекар со образложение или приватно да си платат или да чекаат да се регулира состојбата.
За ова реагираа и синдикатите од каде велат дека надлежните институции мора да најдат системско решение бидејќи не е прв пат да се случи ова.
Независен синдикат на полиција
„Во текот на денот Независниот Синдикат на Полиција ќе подготви и достави допис до Министерот за внатрешни работи, од кого ќе побараме итна интервенција во ФЗОМ, со цел проблемот во најкраток можен рок да биде надминат и да се обезбеди трајно решение за да не се повторува во иднина. Независниот Синдикат на Полицијата останува посветен на заштитата на правата и интересите на припадниците на МВР и ќе продолжи да реагира секогаш кога нивните права се доведени во прашање “
И додека синдикатите бараат трајно решение на проблемот кој се повторува – и МВР и ФЗОМ тврдат дека проблемот не е кај нив.
Од Министерството за внатрешни работи велат сите придонеси се уредно платени од нивна страна.
МВР
„По извршените проверки во надлежните организациски единици констатирано е дека проблемот со здравственото осигурување не е предизвикан од страна на МВР. Со исплатата на платата за месец јули 2026 година, сите придонеси за пријавените вработени во МВР се уредно платени. За дополнителни информации во однос на статусот на здравственото осигурување, потребно е да се обратите до Фондот за здравствено осигурување“.
Од фондот пак тврдат дека проблемот со осигурувањето не е резултат на застој или технички проблем кај нив, туку кај МВР...Причината за проблемот со осигурувањето на вработените е што не биле платени придонеси за нивни колеги кои се вратени на работа со судски одлуки,
ФЗОМ
- Во вакви случаи, кога кај правен субјект дополнително се пријавуваат вработени за претходен период, потребно е да се изврши соодветна корекција на пресметката на плата за тој период и да се доплатат придонесите и за дополнително пријавените лица. По евидентирањето на уплатата, здравственото осигурување се активира автоматски. Оттука, не станува збор за поединечна административна одлука на Фондот, ниту за рачно исклучување на осигурениците од страна на вработените во ФЗО. Процесот е системски и автоматизиран и истите правила важат за сите работодавачи и институции без исклучок.
Од Фондот дополнително нагласуваат дека заедно со претставници на МВР се во директна координација за спроведување на потребните постапки и надминување на состојбата во најкраток можен рок.

