МВР воведе електронско закажување термини за лични документи со „Северна“

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека од вчера е воведена уште една нова секција на веб-сајтот termin.mvr.gov.mk, која има за цел да придонесе кон побрзо закажување термин за фотографирање за лични документи.

Во секцијата наречена „Поднеси барање за термин“ граѓаните го внесуваат својот матичен број, телефон за контакт и избираат за кој документ би сакале да закажат термин, посочуваат од МВР.

„Откако ќе го испратат барањето, операторите од повикувачкиот центар ќе ги исконтактираат на наведениот телефон за контакт за да го опслужат нивното барање во најкус можен рок“, соопштија од МВР.

Според Преспанскиот договор, пасошите без новото име Северна Македонија престанаа да важат на 13 февруари, додека важењето на возачките и сообраќајните дозволи со старото име со измени во законот беше продолжена до крајот на годинава.