МВР со демант: Македонската полиција гарантира безбедно чествување на 4 февруари, класична лага е дека ќе доаѓале бугарски полицајци
Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лагите изнесени на порталот Макпрес дека за безбедноста во сабота ќе се грижат и бугарски полицајци. Станува збор за комплетна дезинформација и извртување на факти, имајќи ги предвид соопштенијата кои деновиве, во пресрет на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев ги сподели МВР со јавноста, како и неколкуте медиумски гостувања на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски токму на оваа тема, што за еден новинар, кој без да праша, а притоа пласира небулози криејќи се зад потписот „Администратор“ е недозволиво и срамно.
Како што веќе информиравме, македонската полиција постапува самостојно, по претходно изготвен оперативен план и е подготвена во целост, не само за овој настан, туку за сите настани, не само за оваа пригода, туку за сите пригоди, во било какви услови - да направи сѐ за да ги сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните.