МВР покрена 5 постапки за говор на омраза
Министерството за внатрешни работи отвори пет постапки за ширење говорот на омраза на социјалните мрежи по фаталната автобуска несреќа. Неофицијално, покрената е постапка и за универзитетската професорка Билјана Ванковска, водителот Миленко Неделковски, но и други лица, кои според полициски извори, ширеле говор на омраза изразувајќи задоволство од фаталната несреќа на автопатот Скопје – Тетово.
Нивните објави на фејсбук, во јавноста беа оценети како монструозни, иако дел од нив веднаш се оградија. Професорката Билјана Ванковска ја избриша нејзината објава и објаснуваше дека била погрешно сфатена. Сепак, освен голем дел од јавноста, осуди за нејзината објава денеска стасаа и од ректорот на Универзитетот св Кирил И Методиј.
„Не навлегувајќи во правните квалификации на изјавата на професорката, за што се надлежни други институции, од етички причини чувствувам должност да се оградам од изјавата на проф. д-р Билјана Ванковска. Како човек остро осудувам секакви изјави кои алудираат на нетрпеливост и нетолеранција и создаваат чувство на омраза.Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ секогаш ја подржувал слободата и правото на секој професор и студент слободно да мисли и да го изразува своето мислење“ - вели Никола Јанкуловски – ректор на УКИМ.
Од Основното јавно обвинителство велат ги чекаат кривичните пријави, за да оформат предмет. Минатата година, обвинителството по допрен глас отвори постапка и поведе кривични пријави за ширење говор на омраза против Миленко Неделковски, кој во своите објави на социјалните мрежи изразуваше задоволство од фаталните пожари во Грција.