МВР: По страотната сообраќајка кај Сити мол сторителот е приведен во полициска станица

Приведен е 22 годишникот кој вчера вечер ја прегази 24 годишната девојка на пешачки премин кај Сити мол, а таа на лице место го загуби животот. Тој во моментов се наоѓа во полициска станица, но полицијата може да го држи само 24 часа, односно до 20 часот вечерва, а после Обвинителството ќе одлучи како ќе постапува. 

На 22 годишниот Ј.Ѓ кој управувал со возилото веднаш му е земена крв и урина, за да се утврди дали тој имал алкохол или други супстанци во телото, но резултати сеуште не се соопштени.

Девојката која почина на лице место, била во придружба со 24 годишно момче, кое се здобило со лесни повреди, а веќе е пуштен на домашно лекување. И двајцата потекнуваат од Радовиш.

- На 20.01.2022 год. во 19.44 час.  пријавено е дека на ул.Московска со бул.Партизански Одреди се случила сообраќајна незгода во која  ПМВ Цитроен  управувано од Ј. Ѓ.  (1999) од  Скопје удрило во Л.Д. (1997) од Радовиш кој е повреден и пренесен во ГОБ 8-ми Септември и В.Н.1997 од Радовиш која починала на лице место“.

Од МВР велат дека постапуваат по насоките на обвинителот за целосно да се расчисти случајот. Телото на девојката е предадено на обдукција.