МВР објави меѓународна потерница по Исмет Гури

Министерството за внатрешни работи објави дека ексфункционерот Исмет Гури се бара со меѓународна потерница. Полициските службеници во текот на вчерашниот ден не го нашле на адресата каде издржувал мерка домашен притвор.

Претходно судот го ослободи Гури од издржување на затворската казна и времено му ја замени со домашен притвор поради примање редовна терапија за здравствените проблеми што ги имал.

Поранешниот заменик-директор во УЈП беше вмешан во случај со даночни измами во кој беа осомничени вкупно 15 лица, меѓу кои бизнисмени и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП), а се товарат за повеќе кривични дела како злосторничко здружување, даночна измама и перење пари.

Исмет Гури, заедно со Ејуп Алими, на 14 јули минатата година добија затворски казни од по три години и шест месеци од Основниот кривичен суд-Скопје во повтореното судење за случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал. Алими и Гури за „Титаник 3“ добија обвинение во јуни 2017 година за делото уништување изборен материјал - се товареа дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир.