МВР и ОЈО: Знаеме како се случил целиот настан, а сите вербални изјави се поткрепени со материјални докази

Девојчето е грабнато во влезот на зградата каде што живее, било врзано, ставено во вреќа за спиење и во багажникот на возилото „ситроен“ и е одвезено во околината на Скопје каде што е убиено, а пред тоа возило за сето време возело возило „рено канго“, рече Спасовски.

- Таткото се уште нема признаено инволвираност. Но според сознанијата и доказите што ги имаме ќе се бара притвор за сите што се вмешани. Во текот на денот ќе имаме и дополнителни информации, рече Бубебвски на новинарско прашање за вклученоста на таткото во злосторството.

Бубевски рече дека ќе се разговара со целото семејство, за начинот на живот и како функционирале, но вербалните докази од  осомничените се поткрепени со материјалните докази.

Спасовски потврди дека има две пријави во полицијата дека девојчето е исчезнато, а првата пријава е од мајката. Таткото само пријавил дека не отишла на училиште, рече Спасовски и додаде дека од над 50 камери се гледа целата траекторија на возилото со кое е грабнато девојчето и каде е купен бензин за да биде запалено и кој го купил бензинот.

- Грабнувањето не е снимено на камера оти се случило внатре во влезот. За улогата на таткото ништо не можеме да заклучиме однапред оти ништо не е ни докажано ни отфрлено. Што се однесува до убиениот Панче, имале должничко доверителси односи односно убиениот должел околу 500 евра на соседот кој е еден од извршителите и затоа му го одзеле возилото, но намерата била возилото да биде искористено за грабнување на девојчето, објасни обвинителот Бубевски.

Локацијата на која е пронајдено телото на девојчето е во село Бразда, општина Чучер-Сандево, а дознаена е од признанијата на осомничените кои кажале каде се наоѓаат двете тела.

И министерот и обвинителот повторија дека станува збор за изолиран инцидент кој не претставува закана по општата безбедност на граѓаните, без оглед на фактот што извршителот на двете убиства се уште не е достапен за полицијата..