МВР го потврди инцидентот со запалената куќа на Пандов - случајот се истражува

Полицијата вршеше увид во изгорената викенд куќа на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. И тој денеска беше  во поплосаната викендица која изгоре до темел. Вели ова е обид за заплашување, се сомнева дека пожарот му е подметнат од криминални банди кои се притиснати во затворите.

Откако стана директор на Управата за извршување санкции Пандов вели имал и посериозни закани. 

Од МВР го потврдија инцидентот. Преземаат мерки за негово расчистување. 

- На 29.04.2025 во 18:45 часот во СВР Скопје А.П (54) од Скопје пријавил дека била опожарена неговата викенд куќа во с.Орешани, скопско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. - МВР.

Од ВМРО-ДПМНЕ  го осудија инцидентот. Велат палењето на куќата на првиот човек на Управата за санкции  е обид за заплашување и замолчување.

- Овој чин е обид за заплашување и замолчување на Пандов, бидејќи изминатиот период јавно говореше за сите криминални дејствија што се случувале, а за кои тогашната власт и раководство се обиделе да ги затскријат. Пандов е мета на напад бидејќи застана во отворена борба против криминалот и корупцијата. Криминалците повеќе немаат заштита од страна на власта. - ВМРО-ДПМНЕ.

И претходно беа подметнувани пожари на имот на затворски полицајци, чувари, а изгоре и автомобил на директорот на најголемиот затвор во Идризово. За дел од палежите беа осомничени криминални групи и затвореници. Но, ова е првпат да биде запалена куќа и тоа на првиот човек на затворската Управа.