Музика за Џими Хендрикс во изведба на ЗЏМ – биг бенд оркестар во Долни Сарај, Охрид

Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје, вечерва на локацијата на летната сцена Долни Сарај во Охрид ќе одржи концерт со изведба на дел од музиката на легендарниот Џими Хендрикс, еден од најпознатите рок – музичари на 20 век.

„The Rock and Roll Hall of Fame“ ќе го опише Хендрикс како „веројатно најголемиот инструменталист во историјата на рок музиката“. Американскиот гитарист, пејач и текстописец се смета за еден од највлијателните гитаристи во историјата на популарната музика.

-ЗЏМ Биг Бендот ќе изведе дел од музиката на оваа музичка легенда со биг бенд аранжмани, при што специјален гостин на концертот ќе биде италијанскиот саксофонист Франческо Беарцати, а со биг бендот ќе диригира Џијан Емин. Овој концерт е уште една причина да го посетите Охрид ова лето и да уживате во музиката на Џими Хендрикс, во волшебниот амбиент на Долни Сарај, наведуваат од Здружението на џез музичари и слободни уметници.

Концертот ќе почне во 22 часот.