Муралот „Рударски приказни“ претставен во Македонска Каменица по повод Денот на рударите и Голема Богородица
Foto

Муралот „Рударски приказни“ претставен во Македонска Каменица по повод Денот на рударите и Голема Богородица

По повод Денот на рударите во Македонија и празникот Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица), денеска во Македонска Каменица беше претставен еден од најголемите мурали во Македонија, под насловот „Рударски приказни“.

Муралот е создаван на површина од скоро 300 метри квадратни, во должина од 75 метри, а со највисока точка од 4 и пол метри. Ова монументално уметничко дело е дел од манифестацијата „Каменичко културно лето 2020“ и се наоѓа спроти влезот на зградата на општината Македонска Каменица.

Оваа ѕидна уметничка композиција е дел од неколкуте кои се планирани за ова лето, во соработка со Центарот за современа ликовна уметност.

Координаторката на проектот и претседателката на уметничкиот совет на ЦСЛУ, Јана Јанеска Ристески за ТВ 24 вели дека години наназад нема посетеност на изложбите и на индивидуалните дела и доколку не може да се донесе публиката во галериите, уметноста ќе се изнесе на улиците.

- „Ова е еден од најголемите мурали досега во Македонија. Изработката на муралите првично ја прифаќаме како идеја, за да можеме да ја вратиме публиката кон ликовните уметници. Многу ни е непријатно што целата кризна ситуацијата предизвика можност за промоција на ликовната уметноста, но, би сакале да имаме поддршка и од останатите наши колеги кои се дел од сценско-изведувачките дејности, зашто ова е можност и оваа фела да застане рамо до рамо во очите на јавноста. Зашто токму тоа и го заслужува.“ – истакнува Јанеска Ристески.

Автори на муралот се академските уметници со меѓународно реноме, Сања Јездиќ, Александар Џинго, Ферди Булут и Александар и Хари Дудески.

Уметницата Сања Јездиќ вели дека во Македонска Каменица дошле со предизвици, но, се враќаат дома со многу искуства.

- „Се враќаме дома со многу одговори и нови искуства, кои за нас претставуваат нови погледи. Не знаевме како ќе тече процесот, не знаевме како ќе бидеме прифатени со еден ваков потфат. Процесот беше одличен. Оддадовме почит со мотивот кон една од најтешките професии - најризичните. На овој начин, сакавме најмногу да ја испочитуваме фелата и таа да биде претставена токму така како што заслужува. Ние сме среќни дека рударите се првите на кои им се допадна муралот. Тоа докажува дека сите можеме да се поврземе преку уметноста.“ – вели Јездиќ.

Нејзиниот колега графичар, Ферди Булут, посочува дека успеале да ја претстават жртвата на рударите преку овој мурал.

- „Рударската работа е многу ризична. Децата, односно семејствата на рударите се токму претставени низ нашиот мурал, зашто почитта кон заедницата е таа која треба да се истакне. Семејствата ги испраќаат рударите секој ден во окното, живеејќи во страв за нивните животи, зашто не знаат дали ќе се вратат дома истиот ден. Но, рударите се тие кои го жртвуваат својот живот како за семејството, но и за заедницата во која живеат.“ – истакнува Булут.

Академскиот графичар, Александар Џинго ја истакна специфичноста на спојувањето неколкумина уметници со различни сензибилитети кои создаваат едно единствено уметничко дело.

- „Работевме на едно дело, кое мора да биде една симбиоза на енергиите на сите. Нема тука его. Туку сите работевме како еден. Без разлика на тоа дека сме потпишани сите одделно, ние целиот мурал, целиот ѕид го чувствуваме како заеднички. Ние се запознавме уште повеќе преку сплотеното творење, а притоа и се забавувавме. Најважниот сегмент при создавањето на ваквите пристапи е дека сите со различен пристап, сепак сe заеднички сработивме.“ – посочува Џинго.

Браќата уметници, Александар и Хари Дудески за ТВ 24 велат дека преку впуштањето во ваков предизвик, сакале да докажат дека во Македонија има професионални и силни креативци кои треба да добијат поддршка, со којашто ќе можат да сработат дела кои вечно ќе останат за државата.

- „Ние имаме национални уметници кои се подготвени да изработат вакви дела. Поддршката која треба да биде дадена кон ликовните уметници мора да се зголеми, особено сега во овој период кога токму нашата фела може да создава најмногу уметност, а притоа да не доведе никого во ризик за време на пандемијата. Пред да дојдеме ние, тоа беше само еден обичен, потпорен ѕид, исполнет со сивило. Сега овој простор во Македонска Каменица е оплеменет.“ – вели Александар Дудески.

- „Од технички аспект, веруваме дека користиме технологија којашто ќе трае долго и тоа ќе биде на очиглед на јавноста за годините кои претстојат. Ова претставува ликовен одговор на една декорација. Ликовното останува да биде најчесто во затворен простор, а преку овој проект излегуваме надвор. Секој да може да не сведочи што сме сработиле. Секој може да не оцени и критикува.“ – прецизираше Хари Дудески.

Муралот беше презентиран на јавноста од страна на градоначалничката во Македонска Каменица, која е единствена жена на оваа позиција во Источна Македонија, Соња Стаменкова, а во присуство на мандатарот за нова влада, Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, кои беа во посета на општината по повод Денот на рударите во Македонија.

0 Коментари

Остави коментари