Мултимедијална средба со Владимир Мартиновски
Во преполниот простор на Europe House Битола, денес бројната битолска публика имаше можност да биде дел од една посебна литературна средба – мултимедијален дијалог со проф. д-р Владимир Мартиновски, истакнат македонски теоретичар, критичар, поет, писател и истражувач на современата книжевност и култура.
Неговиот извонреден настап ја претстави книжевноста како дел од еден широк културен колаж, во кој таа се преплетува со ликовната уметност, музиката, и уметноста воопшто.
Средбата не беше ни малку „обична“ – исклучителниот гостин ја претвори во интерактивен простор каде што книжевноста се сретна со визуелната уметност и музиката. Шансоната во изведба на Бранко Николовски на самиот почеток, придружната видео-проекција, изложените уметнички дела на Мартиновски како ликовен автор – сето тоа придонесе за едно вистинско патување низ време и простор, исполнето со силна синергија меѓу зборот и сликата, меѓу зборот и музиката.

