Муцунски од Брисел: Проширувањето на ЕУ е стратешки императив

Европската перспектива на Западен Балкан повторно беше во фокусот на денешниот Совет за надворешни работи на Европската Унија во Брисел, на кој учествуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Состанокот го предводеше високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, а централни теми беа односите со регионот, безбедносните предизвици и иднината на политиката на проширување.

Пред почетокот на седницата, Муцунски порача дека процесот на проширување претставува неопходност и за Европската Унија и за земјите кандидати. Според него, Западен Балкан мора да престане да биде „сива зона“ на Европа и да добие јасна и кредибилна перспектива за членство.

Тој нагласи дека Северна Македонија бележи конкретен напредок во спроведувањето на реформите, особено во изминатиот период, додавајќи дека земјата е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

Муцунски испрати порака до земјите членки дека е потребно пристапниот процес да се ослободи од билатерални прашања, но и да се зајакне соработката во области како безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергетиката, храната и дигитализацијата.