Муцунски и Мацинка од Охрид: Силна чешка поддршка за ЕУ и нови можности за економска соработка

Чешката Република е подготвена активно да се вклучи во барањето решение за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија. Шефот на чешката дипломатија, Петр Мацинка, кој престојува во дводневна посета на земјава, истакна дека Европската Унија има силен интерес за продолжување на проширувањето и дека досегашниот напредок и направените отстапки на Македонија мора да се вреднуваат.Според Мацинка, врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, прашањето веќе има мултилатерален карактер. Тој откри дека чешкиот премиер Андреј Бабиш во следните три недели ќе престојува во Софија, каде што една од темите на разговор се очекува да биде токму овој спор, при што Чешка ги нуди своите добри односи со двете страни за да помогне во наоѓањето консензус.

Петр Мацинка министер за надворешни работи на Република Чешка: "Тоа веќе не е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија, туку, врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, стана мултилатерално прашање... Целта треба да биде надминување на спорните прашања и постигнување решение прифатливо за двете страни.“- рече Машинка.

​Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски пак, порача дека евроинтеграцијата останува наша стратешка определба, но процесот мора да биде предвидлив и фер.

​Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија: ​„Подготвени сме да ја завршиме нашата работа, да ги спроведуваме реформите и да ги исполнуваме европските стандарди. Но процесот мора да биде кредибилен и предвидлив, а напредокот да се вреднува врз основа на резултати, заслуги и однапред утврдени европски критериуми. Тоа не е барање за привилегиран третман. Тоа е барање за фер и европски процес.“-  порача Муцунски.

​Покрај политичкиот дијалог и поддршката за ЕУ, во фокусот на разговорите беше и економијата. Чешка во моментов се вбројува меѓу 15-те најзначајни трговски партнери на Македонија, а за време на оваа посета во чешката делегација се вклучени и претставници на повеќе чешки компании.​Двајцата министри се согласни дека постои голем потенцијал за нови бизнис-инвестиции, пред сѐ во секторите транспорт, инфраструктура, енергетика, земјоделство и високи технологии.