МПЦ на протести – против Законот за правно признавање на родот

Најавите за правно признавање на родот ја вжештуваат атмосферата во општеството во рамки на што се издвоија две групации про и контра.

На страната за потребата од озаконување на можноста во изводот од матичната книга на родените да стои и родот, се дел од пратениците како и невладините организации кои ги третираат овие прашања, а контра се петте верски заедници кои неодамна излегоа со заедничко соопштение во кое ги окарактеризираа како опасни тенденции и побараа итно повлекување на измените со кои би се легализирал родот како лично-интимна категорија да биде впишана во матичните книги и притоа лицето да има право да се изјасни со друг род освен како маж или жена што произлегува од уставната категорија на признати два пола во општеството - машки и женски. 

Во одбрана на потребата од носење на дополнувањата на Законот за матична евиденција ни зборува пратеничката Маја Морачанин која е и една од поднесителите на предлог дополнувањата.

Освен што овие измени ќе им дозволат на мажите односно жените и покрај тоа што ги имаат сите атрибути на маж или жена, како род да наведат некоја друга припадност, значи опасност за женската популација и за семејството како заедница на маж и жена - сметаат од петте верски заедници според кои жената е поставена во нерамноправна положба, а една европска анкета покажала зголемување на говорот на омраза кон припадниците на ЛГБТИ заедницата.

Неодамна советите на Општина Струмица и на Ново Село едногласно донесоа одлуки за признавање на само два рода машки и женски односно тие се против измени на законите за правно признавање на родот.

А синодот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија вчера повторно апелира за повлекување од процедура на овие законски предлози како сериозна закана за општеството поради што на 29 јуни, закажа одржување мирен протест во Соборниот храм во Скопје. 

Во последниот извештај на Советот на Европа од 46 земји членки 38 имаат правна или административна процедура за признавање на родот од кои 9 врз база на самоизјаснување без претходни медицински процедури, а во 26 земји сè уште е вклучена медицинска дијагноза како услов за поинаков род од половата припадност и тие земји се Австрија, Германија, Италија, Финска, Шведска, Шпанија, Холандија, Полска, Словачка, Хрватска, Словенија и Велика Британија. Некаде медицинската дијагноза повлекува и психолошка оценка, а во други 13 земји е задолжителна и претходна стерилизација како дел од процесот за правно признавање на родот, наведува ланскиот извештај на Советот на Европа.