Можно воведување кризна состојба - утре заседава Советот за безбедност
Не се исклучува можноста да биде прогласена кризна состојба на цела територија. Од Владата не потврдија дали предлогот ќе биде ставен на маса утре во Вила Водно, но можно е да се донесат мерки со кои ќе се ограничи движењето на граѓаните. Неофицијалниот предлог кореспондира на високите бројки на заразени и починати и напливот на пациенти во болниците.
За да може војската да се вклучи во мисија на справување со пандемијата, потребно е прогласување на кризна состојба, која може да трае најмногу 30 дена, вели пензионираниот полковник и експерт за безбедносно-воени прашања Благоја Марковски. Може да го контролира движењето на граѓаните, но и да се вклучи во други активности.
Исто како и во вонредна состојба и приватниот имот се става на располагање на државата, тука влегуваат и приватните болници. Државата може да ги користи нивните капацитети и да раководи со нив, а кога ќе заврши кризната да им се исплати надоместок.
Одлуката за ангажирање на сили и средства на АРМ ја спроведува шефот на државата, преку наредба до ГШ,а информациите ги црпи од владините тела. Целиот процес од иницијатива до одлучување поминува преку Центарот за управување со кризи, кој ја има клучната улога во кризна состојба.
Владата нема можност да носи Уредби со законска сила, туку одлуки кои секоја институција мора да ги примени. Кризна состојба во март беше прогласена во Дебар и Центар Жупа. Строго беше контролирано движењето на граѓаните во овие места, а а на влезовите војската и полицијата вршеше строги проверки. Забранет беше влезот и излезот за граѓани кои не живеат таму, со камиони се доставуваше храна и намирници.