Можна ли е деблокада на евроинтеграциите?
Со Претседателот на Бугарија Румен Радев имам пријателски дијалог и разбирање, очекувам во директните средби да се разговара за можните решенија, вели Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, потенцирајќи дека гледа исчекор и деблокада на нашите евроинтеграции.
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека тој се уште нема контакт со новата бугарска Влада која се избра пред еден месец, но очекува шефот на дипломатијата - Тимчо Муцунски, да оствари средба со бугарскиот колега Георг Георгиев на Минхенската безбедносна конференција која треба да започне на 14 февруари.
По формирањето на новата бугарска влада, премиерот Мицкоски изјави дека е подготвен да оствари средба со бугарскиот премиер Росен Жељазков, но останува на ставот за уставни измени кои ќе стапат на сила по влезот на Македонија во ЕУ, како гаранција дека Бугарија нема да ја кочи земјава со ново вето. И полскиот амбасадор во Македонија најави дека овој месец полскиот заменик министер за европски прашања, во рамките на полското претседателство, ќе ги убедува бугарските власти да појдат на компромис прифатлив и за двете страни.
Сепак, бриселскиот медиум „Еуроактив„ вчера пренесе дека новата бугарска влада одбива да преговара со Македонија за омекнување на условите под кои државата може да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ, потенцирајќи дека влез на бугарите во Уставот не е билатерален проблем, туку е конкретен услов на Брисел кон Скопје.