Можен договор меѓу Скопје и Софија, ВМРО-ДПМНЕ повика да се откријат детали
Оптимизам за решение или скриени асови на масата за преговарање меѓу Скопје и Софија? Што разговараат работните групи и шефовите на дипломатиите и какви предлози се вртат меѓу македонската и бугарската влада?
Заев и неговиот коалиционен партнер Ахмети на иста линија дека договор ќе има набрзо, опозицијата пак прашува што содржи новата понуда до бугарската влада?
- Од што се откажува Зоран Заев и каква штета трпат граѓаните и државата заради неговата понуда за нов договор и одблокирање на интеграциите. изјави Димче Арсовски ВМРО-ДПМНЕ.
Без да објасни што содржат новите предлози, лидерот на ДУИ и коалиционер на Заев, Али Ахмети вчера во интервју за тв 21 откри дека се чека одговор од Софија, со кои двете земји уште еднаш ќе се обидат да дојдат до решение пред декемврискиот Совет на министри на ЕУ.
- Надминувањето на недоразбирањата меѓу двете земји е прашање на време. Не мислам дека е време да споделувам со јавноста за понудите или последните документи кои се разменети. Ќе почекаме да ја видиме реакцијата од Бугарија. - изјави Али Ахмети ДУИ.
И Заев и Борисов вчера без да ги откријат картите на маса, изјавија дека се подготвени за дијалог. Скопје и Софија не се далеку од договор изјави премиерот Заев вчера и повтори дека нема да има отстапки туку решение во кое и двете страни ќе внимаваат на спротивната.
- Верувам дека договорот ќе се случи до вториот Совет на министрите на Европската унија на 8, 9 или 10 декември, а ќе имам и средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Верувам дека и работните групи, коишто контактираат интензивно, ќе создадеме атмосфера за тоа. изјави Зоран Заев премиер на РСМ.
Шефот на дипломатијата Османи пред 10дена во интервју за тв 24 кажа дека овој период интензивно се разменуваат предлог документи меѓу Скопје, Софија и Берлин, а истите се разгледуваат или одбиваат.
На 3 и 4 декември и Комисијата за историски прашања повторно ќе се седне да преговара, а на маса повторно ќе се најдат конфронтациите околу Гоце Делчев и средновековниот период.