МОСТ: Избирачките места се отворени и гласањето се одвива безбедно, согласно здравствените протоколи
Foto

МОСТ: Избирачките места се отворени и гласањето се одвива безбедно, согласно здравствените протоколи

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, сите гласачки места на кои Граѓанската Асоцијација МОСТ има распоредено свои набљудувачи се отворени навреме и досега не се забележани неправилности во спроведувањето на постапката на гласање.

Како што беше потенцирано на првата денешна прес-конференција на МОСТ, гласањето се одвива безбедно, согласно здраствените протоколи.

Во текот на денот, истакнуваат од МОСТ, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.

Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со 900 набљудувачи. На 696 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 20 проценти од вкупниот број на гласачки места на територијата на целата држава, како и 20 проценти од гласачките места во рамките на секоја изборна единица.

– Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има распоредено и 55 мобилни тимови, составени од по двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија, информираа од МОСТ на прес-конференцијата.

Граѓанската асоцијација МОСТ го спроведува проектот согласно Декларацијата за универзални принципи за непартиско набљудување на изборите од страна на граѓански организации, како и останатите меѓународно признати стандарди за домашно набљудување на изборите.

Потенцираат дека набљудувач на МОСТ е единствено оној граѓанин кој носи жолта маичка на која на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано “Monitoring 2020“, поседува акредитација од ДИК и овластување од МОСТ исклучиво за овие избори.

0 Коментари

Остави коментари