Москва повторно со обвинувања до западните земји дека се мешаат во спорот за името со цел членство на Македонија во НАТО
Спорното прашање за името на Македонија треба да се реши на начин прифатлив како за Скопје, така и за Атина, изјави портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Таа повторно обвини за мешање на западните земји во решавањето на спорот, со, како што рече, единствена цел да го внесат Скопје во НАТО. Одговорајќи на прашање дали Москва ќе го признае името „Република Северна Македонија” и дали ќе има дискусија за ова прашање во Советот за безбедност на ОН, Захарова посочи дека министерството за надворешни работи на Русија постојано зборуваше за Преспанскиот договор и дека релевантните коментари можат да се најдат на страницата на Министерството.
„Како што е познато, Русија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име. Москва отсекогаш се залагаше и продолжува да се залага прашањето за името на оваа држава да се реши на прифатлив начин за Скопје и за Атина“.- изјави Марија Захарова – портпарол на руското МНР.
Захарова рече дека во процесот на одобрување на Договорот од Преспа, се направени сериозни прекршувања на домашното законодавство во една од страните, како и на меѓународните правни норми, со силен надворешен притисок. Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за за регионалната ТВ Н1 за спротивставувањата кои доаѓаат од Русија на постигнатиот договор со Грција, оцени дека сето тоа е поради членството во НАТО.
„Западот е присутен овде уште од поранешна Југославија, со милијарди евра помош, но одлуките ги носиме ние. Русија е наш пријател, како што ни се пријатели и САД и ЕУ, но ние ги носиме нашите одлуки. Русија е против проширувањето на НАТО и тука е проблемот. Ние сакаме добар однос со Русија и се надевам дека ќе го унапредиме тој однос“. - изјави премиерот Заев.
Заев додава дека го разбира ставот на Москва, но дека над 80 насто од македонските граѓани се за НАТО и тоа мора да се почитува. Македонскиот премиер во интервјуто за Н1 вели дека не верува дека Русија ќе се обиде да ја блокира имплеметацијата на договорот со Грција.