Монографија за творештвото на Владимир Георгиевски

Обемна монографија за значајниот македонски уметник Владимир Георгиевски излезе од печат во издание на КРОДО од Скопје. На 248 страници преку обемна стручна студија, текстови од уметникот и 340 колор репродукции од сите тематски циклуси и уметнички техники и дисциплини, го претставува огромниот уметнички опус на Владимир Георгиевски. Исклучителното уметничко творештво на Георгиевски е систематизирано, анализирано и толкувано во обемната студија насловена: „Етичкиот императив како одговор на институционализирањето на светото и егзистенцијалното“, чиј автор е историчарот на уметноста д-р Љубен Пауновски.

„Сликарството на Владимир Георгиевски (1942 – 2017) е жестока полемика со остар критичко-демаскирачки став кон институционализацијата на светото и егзистенцијалното во човековиот свет. Уметникот погодил во центарот – тоа институционализирање, како непишано правило, се престорува во еден од најголемите парадокси. Комплексните размислувања, сфаќања и ставови за оваа тема родиле комплексни слики. Во нив уметникот го изложил неговото мислење дека споменатиот вид институционализирање неминовно бара и остварува, цврсто или меко, узурпирање, монополизирање и контрола над светото и егзистенцијалното. Тоа, пак, неминовно води во – отворени или маскирани – константни манипулирања со светото и егзистенцијалното“, пишува Пауновски за Георгиевски.

Уметничкиот опус на Владимир Георгиевски е заснован на неговиот личен животен принцип кој гласи: „Човек без вера не е човек“, што во овоземното живеење подразбира човек (човештво) што стреми кон чистото срце и просветлениот ум, какви што се (архетипите) на небесниот рицар Христос (христоликите) и на земниот рицар Дон Кихот (донкихотите). Меѓутоа, опсервациите и непосредните или историските искуства што тој ги добивал за човекот, за човечките односи, за нивната социјална структура и воопшто за светот на луѓето, во него создавале ментални слики на човечки свет поклопен од вечна ноќност, постојана судреност на една етаблирана и една исклучена толпа, на постојани ругања, клевети и распнувања, на луѓе со слаба ментална светлина, на помама по материјалното, по Златното теле кое како врховен култ со милениуми суверено владее со човештвото.

Преку неговите навидум „религиозни“ теми, Георгиевски ги разоткрива причините на ваквите состојби. Неговите „Адам и Ева“, пречекорувајќи го прагот од Рајот во овој Свет, со себе ги донеле кавгите за сите можни нешта, вклучувајќи ги и кавгите и меѓусебните обвинувања за љубовта и омразата, довербата и измамата, вистината и лагата... Така, според уметникот, вистината била загрозена уште во почетокот на светот, а таква останала и денеска. Затоа, неговото сликарство воопшто не е религиозно. Тоа ги зема библиските теми како сликарски модели преку кои елаборира суштински егзистенцијални прашања за човештвото кое е во состојба на слаба ментална просветленост поради што, во симболична смисла, светот на луѓето е опкружен во милениумски самрак, а не ретко во потполн мрак. Во таквиот свет, кој е во состојба на постојана ноќност, Христос, или христоликото, постојано е ругано и распнувано, па пријателствува само уште со животните; книгите на човечката мудрост се исфрлени во светот на глодарите, кои наместо да ги јадат почнале да ги читаат; а Дон Кихот се обидува со свеќа да го осветли патот за да ја продолжи својата мисија меѓу луѓето.

За избавување од ваквата состојба, уметникот апелира на етичките императиви и доблесната човечност, кои стојат во основите на сите религиски учења во светот, но кои како институционализирани системи, според сфаќањата на уметникот, предоминантно се манифестираат во материјалното наместо во духовното.

 

Двојазичната монографија со колор репродукции на сликите на Владимир Георгиевски и толкувањата на авторот Пауновски, дава извонреден увид во творештвото и филозофско-општествените увиди на еден од најмаркантните сликари на македонската ликовна сцена.