Монодрамата „Кармен“ по 50. пат на сцената на Драмски театар

Монодрамата „Кармен“ на Биљана Драгичевиќ-Пројковска, работена според романот „Пет часа со Марио“ вечерва ќе биде изведена по јубилеен 50.ти пат на сцената на Драмски театар.

Претставата, која од премиерата во мај 2021 година остави силен белег во современата македонска театарска продукција, низ годините изгради исклучителен сценски живот и стана една од претставите на Драмски со најбројни гостувања во странство.

Во центарот на „Кармен“ е жена која, во текот на една долга ноќ покрај телото на својот починат сопруг, ја отвора целата мапа на својот живот – бракот, разочарувањата, стравовите, потиснатите желби, класните предрасуди, лицемерието, религиозните догми и општествените норми што со години ја обликувале. Нејзиниот монолог постепено се претвора во брутално искрена исповед за еден брак, но и за едно време во кое љубовта, моралот, политиката и општествените улоги постојано се судираат.