МОН препорача и наставниците да не одат на работа
Наставниците и вработените во училиштата да не одат на работа додека и учениците се на распуст. Министерството за образование и наука испрати допис до основните и средните училишта во наредните денови да не се оди на работа, со цел да се заштеди електрична енергија во училиштата.
Во дописот се вели да не се организираат работни активности за наставниците, стручните соработници и административно - техничкиот кадар, освен за техничкиот кадар којшто е неопходен за обезбедување на објектите и имотот на училиштата.
„Оваа препорака се дава со цел да се намалат трошоците за енергија и за електрична енергија во училишните објекти“, се вели во дописот од МОН.
Директорите ја поздравуваат оваа одлука, велат дека покрај заштедата на електрична енергија, се заштедуваат и други ресурси.
Владата претходно донесе одлука почетокот на второто полугодие во основните и средните училишта да се одложи за први февруари годинава, согласно епидемиолошката состојба во земјава. Согласно одлуката, наставата со физичко присуство во училиштата продолжува на првиот ден од месец февруари.
Ваквата одлука нема да влијае на крајот на учебната година и ќе заврши на 10 јуни. За одложувањето на почетокот на второто полугодие дојде и критика од УНИЦЕФ, од каде велат дека земјава веќе имала најдолго затворање на училиштата во регионот.