„Мој термин” инфициран со „Само да прашам” и „Преку ред”
Намалување на метежот и редиците на чекање во здравствените установи, квалитетна здравствена услуга за сметка на намалената административна работа, брза комуникација и консултации меѓу примарната, секундарната и терцијалната здравствена заштита се само дел од целите што требаше да се постигнат со воведувањето на „Мој термин“.
За жал, реалноста е сосема поинаква. Тешко наоѓање на термин за специјалистички прегледи, полни амбуланти, влегување преку ред со изговор „само да прашам“ и по пријателска линија и непочитување на закажаниот термин.
Претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова-Дервишова во изјава за МИА вели дека не постои матичен лекар кој нема проблем со закажување на специјалистички прегледи и дека најчесто се принудени да ги праќаат пациентите со приоритетни упати. Овие пациенти во специјалистичките амбуланти се прегледуваат последни откако ќе поминат сите оние со закажан термин.