Мобилниот телефон на возачот денеска е предаден во Обвинителството
Foto

Мобилниот телефон на возачот денеска е предаден во Обвинителството

Пред да излета од автопатот, црвениот автобус на „Дурмо Турс“ возел со брзина меѓу 80 и 85 километри на час. Ова се првите неофицијални информации од истрагата, кои се добиени од тахографот вграден во возилото. Дополнително, машински инженери ќе проверат дали уредот за мерење брзина била исправен пред да се случи несреќата. Денеска во раце на обвинителите стигнал и мобилниот телефон на возачот Мане Трифуновски, кој е пуштен на домашно лекување.

„Побарана е анализа на листинзите , кога возачот разговарал последен пат на мобилниот телефон, дали користел некоја апликација на интернет.“ - велат од обвинителството.

Вчера тв24 разговараше телефонски со Трифуновски кој од шокот на трагедијата не сакаше да открие како дошло до несреќата. Анализите од крв и урина покажаа нема присуство на алкохол и дрога. Преку распит на преживеаните патници ќе се испитува дали разговарал со некого во автобусот или нешто друго му го одвлекло вниманието. Додека обвинителството се уште ја истражува катастрофалната несреќа, гостиварци, роднини на повредените раскажуваат за уште еден инцидент со автобус на истата компанија, Дурмо Турс.

 „Јас често се возам, не можам да кажам дека е безбедно, автобусите се многу стари, утрово имавме инцидент, со тркалата назад се блокира и сменивме автобусот. Тоа пред тргнување, да беше на пат ќе беше страшно, вели еден од роднините.

„А возачите се многу добри, јас се возам осум месеци но не сум имал проблем“ - вели друг роднина.

Освен одговорноста на возачот, истрагата ќе утврдува и дали бил исправен автобусот, а за тоа на распит ќе биде повикан и сопственикот Дурмиш Белули.

0 Коментари

Остави коментари