МНР ќе одлучува дали има оправдани причини антикорупционерите да добијат дипломатски пасоши

Остри реакции и меѓусебни препукувања дали дипломатскиот пасош е право или привилегија откако претседателката Татјана Димитровска во интервју за ТВ 24 рече дека има дипломатски пасош, а членовите побарале да извадат дипломатски пасоши за патување.

По реакциите во јавноста од актуелниот состав на антикорупциска преку соопштение велат дека дипломатскиот пасош не е привилегија, туку право кое им служи единствено за извршување на службената должност и никогаш нема да се употребува за приватни цели. Антикорупционерите велат дека ова право им го дозволува законот за патни исправи.

- Во Законот за патни исправи на државјани на Република Северна Македонија во членот 11 се наведува дека „дипломатски пасош се издава на избрани и именувани лица, раководни државни службеници и раководни работници во државните органи“ итн... - велат од ДКСК.

Според МНР пак  членовите на Антикорупциска не влегуваат во категоријата на лица кои имаат задолжително право на дипломатски патни исправи.

- На предметното барање од страна на тогашниот Министер за надворешни работи, позитивно е одговорено само за едно лице, односно за Претседателот на ДКСК. Во однос на останатите членови на ДКСК Министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе направи дополнителни консултации со цел да биде донесена соодветна одлука, односно дали постојат оправдани причини и тие евентуално да добијат дипломатски или службени патни исправи.“ - велат од МНР.

Од актуелниот состав на Антикорупциската комисија  раегираа и  за работата на  нивните претходници. Велат  возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам со кој не се оправдува бројот на незатворени предмети. Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, преку ФБ статус реагираше на соопштението на ДКСК во врска со дипломатските пасоши.

- Тоа што немавме дипломатски пасоши и службени автомобили ниеднаш не не спречи навреме да стигнеме и активно да учествуваме на сите сесии од скринингот со ЕК во Брисел. Изненадува констатацијата дека одењето пешки, возењето велосипед или користењето јавен превоз е чист популизам. По кој основ или критериум оваа наша навика што ја практикуваме и пред и по мандатот е оценета како популизам. Ова е навреда за сите совесни функционери кои се однесуваат домаќински со народните пари и за сите совесни граѓани кои почитуваат европски вредности и се грижат за животната средина“, пишува Ивановска.

Актуелниот состав на ДКСК, на чело со претседателката Татјана Димитровска, мандатот го започна на 8 февруари 2024 г. Тројца од седумте члена на овој тим, вклучително и претседателката, се ревизори од Државниот завод за ревизија, двајца беа вработени во службите на Антикорупциската комисија. Има и една судијка, како и еден член кој претходно работеше во областа за ревизија на претпристапната помош за ЕУ.