МНР формира кризен штаб за извлекување на наши државјани од Израел и регионот по нападот од Иран
Министерството за надворешни работи најостро го осудува масовниот напад на Иран врз Израел, кој се случи во текот на ноќта што може да доведе до ескалација на состојбите во Блискиот Исток. Утринава е донесена одлука за формирање на кризен штаб, примарно надлежен да организира извлекување на нашите државјани од Израел. Извлекувањето ќе зависи од динамиката на состојбата и отворениот аеродром во Тел Авив, кој од утринава повторно е ставен во функција, но работи со ограничен капацитет. Единствената алтернативна рута е копнениот пат преку Јордан. Во Израел има 40-50 наши државјани, меѓу кои и семејствата на нашиот дипломатски персонал во Тел Авив.
- Вчера доцна имаше повици од наши студенти во Јордан, кои побараа совети и помош, за евакуација. Кризниот штаб се формираше утринава, веќе имаме искуство од ситуацијата во Украина, Авганистан, претходно во Израел и веднаш ги активираме истите механизми. Нашиот амбасадор останува во Израел. Ги повикуваме нашите државјани од тој регион да се јават на телефонските броеви на нашата амбасада во Израел. Имаме амбасада и во Каиро, Абу Даби, Катар, велат од МНР.
Информациите за најавите за напад на Иран врз Израел МНР ги добило согласно канлите на НАТО и пристап до сите НАТО-информации како и од стратешките партнери, па затоа можеле пред време да ги известиле граѓаните за тоа што се случува. Нашите амбасади се ставени во функција на комуницирање на сите наши граѓани и правење на планови за евакуација. Од министерството велат дека однесувањето на Израел во Газа ги надминало сите правила на меѓународното хуманитарно право и тоа треба да се осуди и да се прекине овој циклус на напади, бидејќи целиот свет е под сериозна закана.
- Овој циклус на напади кој почна на 7.10. однесувањето на Израел со цивилите во Газа, потоа нападите во Дамаск, вчерашното бомбардирање на Израел, најавата за возвраќање од страна на Израел, многу брзо може да се помине точката на неповрат. Ако на ова ја додадеме и војната во Украина, никогаш не сме биле поблиску до Трета светска војна. Не сакаме да ги исплашиме граѓаните, но кога во реториката на политичарите нуклеарното оружје станува нешто нормално, тогаш тие случувања бараат посебна внимателност, велат од Министерство за надворешни работи.
Властите апелираат државјаните на Северна Македонија во Израел да бидат во комуникација со нашата Амбасада во Тел Авив преку посочените телефонски броеви.- дежурниот телефон + 972 549 267 378, како и SOS дежурните телефони на Министерството за надворешни работи (+389 75 273 732/ +389 75 268 736)
Вчера МНР апелираше македонските државјани да избегнуваат патувања кои не се неопходни, во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии.