МНР: Девет амбасадори се известени до кога им трае дипломатскиот ангажман-указите ги потпишува претседателката
Девет амбасадори ќе се вратат во земјава до крајот на март, откако како што информираат од МНР им завршил мандатот. Се чека претседателката Гордана Силјановска Давкова да ги потпише указите.
Тројца амбасадори се враќаат во земјата на половина од мандатот, а петмина по една година откако заминаа во мисија. Тие се отповикани поради непочитување на законот, односо дека се упатени во мисија од претходниот шеф на државата, Стево Пендаровски, без да ги презентираат амбасадорските тези пред собраниската Комисија за надворшена политика, за кое токму Собранието, со автентично толкување на Законот за МНР, утврди дека презентирањето на тезите во Собранието било задолжително, а не изборно.
- Во однос на постапката за отповикување на определен број амбасадори, информираме дека Министерството е во редовна и континуирана комуникација со Кабинетот на Претседателот на државата. Преку официјалниот интерен комуникациски систем, досега девет амбасадори се известени за завршувањето на нивниот мандат. Во наредниот период се очекува Претседателот да ги потпише указите за нивно отповикување. - МНР.
Во Македонија се враќаат амбасадорите од Бугарија, Белгија и Црна Гора, додека по само една година на функцијата се враќаат амбасадорите од Босна и Херцеговина, Шведска, Чешката, Велика Британија и Постојната мисија при Меѓународните организации.
Претходно, беше објавено дека пораншениот амбасадор, Љубомир Фрчкоски сериозно го злоупотребил буџетот предизвикувајќи шестцифрена штета во евра.Министерот за надворешни работи Муцунски најавува одговорност за Фрчкоски и рече дека истрагата ќе заврши до крајот на овој месец.
Освен Фрчкоски, актуелен беше и случајот со отповикување на Андреј Жерновски за кого на 14. февруари во Службен весник беше објавен указ за негово отповикување од страна на претседателката.