МНР: Бугарскиот конзул немал право да присуствува на увидот на Комисијата за спречување дискриминација

Од Министерството за надворешни работи велат дека го следат случајот преземен од страна на комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а во врска со евентуални наводи за извршена дискриминација во случајот со Здружението Иван Михајлов од Битола.

Од МНР посочуваат дека во однос на присуството на генералниот конзул на Република Бугарија во земјава, г-дин Димитар Иванов, согласно конвенцијата за конзуларни работи, тој немал право да биде присутен на увидот бидејќи се работи за постапка во која се вклучени две здруженија, правни лица од Северна Македонија, регистрирани согласно постојните законски прописи на државата.

- „Гдинот Иванов има право да ги застапува правата и интересите на државјаните на Република Бугарија кои живеат во Република Северна Македонија, но не и правата и интересите на здружение на граѓани регистрирано во Република Северна Македонија“ , велат од МНР.