Многу дилеми околу одлуката невакцинираните за пертусис да посетуваат или не детска градинка

Дали за во градинка треба да се примат само трите дози ДиТеПер или и ревакцината?Одлуката на здравствените власти за забрана на прием на невакцинирани деца со ДиТеПер вакцината во градинките предизвика дилеми и реакции кај родителите, особено кај они чиишто деца се вакцинирани со три дози, но поради оправдани причини се уште немаат примено ревакцина, која што, според календарот за имунизација треба да се прими на 18 месеци. 

Со уредбата за вакцина за ДиТеПер внуците не ми ги примаат во градинка со примени 3 дози и ревакцинација закажана за јуни, поради скоро прележани сипаници. Не ставија во исти кош и нас кои редовно ги вакцинираме децата и оние кое се антиваксери, реагираат граѓани. 

Дали за вакви случаи ќе се промени одлуката за прием во градинка или ќе остане забраната? Министерот за здравство остава за тоа да одлучи Комисијата за заштита од заразни болести, која ги дава препораките во услови на епидемија.

„Што се однесува до толкување на одлуката за Комисијата за заштита од заразни заболувања ќе има состанок и заклучок од Комсијата и според тој заклучок ќе го почитуваме сите. Според прописи ако некој е вакциниран не гледам зашто би бил попречен да присуствува, треба да има три дози примено за да биде комплетно вакциниран, а за ревакцината треба да каже Комисијата за заштита од заразни болести и ДЗСИ, но многу е битно да не падне сензибилитетот за кампањата за вакцинација затоа што се работи за здравје и животи а овие формалности за толкување на забраната ќе се решат утре после состанокот на Комисијата“, вели министерот за здравство Илир Демири. 

Првичните вонредни контроли на здравствениот инспекторат покажале дека речиси 50% од децата во градинките во Скопје биле невакцинирани или нецелосно вакцинирани со вакцината против голема кашлица. За разлика од главниот град, во другите градови, опфатот бил над 90%.