ММФ и Светска банка денес во Вашингтон: Во фокус глобалните економски ризици

Во Вашингтон започнува пролетното заседание на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, каде светските финансиски лидери, министри и централни банкари од 13 до 18 април ќе разговараат за состојбата на глобалната економија, со посебен акцент на растечките ризици поврзани со геополитичките тензии, инфлацијата и нестабилноста на енергетските пазари, пренесуваат повеќе меѓународни и домашни медиуми.

Собирот се одржува во период на зголемена глобална неизвесност, предизвикана од војната на Блискиот Исток и нарушувањата во снабдувањето со енергенси, што веќе влијае врз економскиот раст, инфлацијата и финансиската стабилност во повеќе региони. Според анализи на меѓународни институции и медиуми, се очекува дополнително намалување на прогнозите за глобалниот економски раст и зголемување на инфлаторните притисоци. 

На состаноците традиционално се разгледуваат клучни теми како глобалниот економски раст, финансиската стабилност, сиромаштијата и развојот, но оваа година фокусот е значително насочен кон последиците од енергетските шокови, растот на јавниот долг и ранливоста на земјите во развој.