Младинска ликовна колонија „Св.Пантелејмон“

Во комплексот „Осоговски конак” од денеска до 18 август ќе се реализира Младинската ликовна колонија „Св.Пантелејмон“, како дел од годинашната програма на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.

Колонијата, која е под целосно покровителство на Министерството за култура, најпрвин почна да ја организира Општина Кочани во 2012 година, а самото сместување и творење на учесниците се одвиваше во манастирот „Св. Пантелејмон“ во село Пантелеј.

-Учесници беа талентирани ученици од повеќе градови низ државата, од Скопје, Куманово, Кочани и од Прилеп. Поради интересот и прекрасното искуство на организаторите и на самите учесници на оваа ликовна колонија, таа во континуитет продожи да се реализира до ден денес, соопштија од Националната установа „Бели мугри“.

Годишната граница на учесниците е од 15 до 18 години. Учениците се предводени и организирани од ментор м-р Александра Димитрова стручен соработник за визуелни уметности од НУЦК „Бели мугри”-Кочани, каде преку разговори и сугестии се надоградуваат и реализираат преку сликање и творење.

Како што е најавено, учениците ќе работат на сликарски платна во акрилна техника. Материјалите за работа на колонијата ги обезбедува НУЦК „Бели мугри” – Кочани, а исто така се обезбедени сместувањето и исхраната на учесниците.