Мисијата „Артемис II“ за неколку часа ќе ја прелета Месечината и ќе стигне на нејзината темна страна
Мисијата „Артемис II“ на НАСА влегува во критична фаза, кога гравитациското влијание на Месечината станува значително посилно врз вселенското летало отколку влијанието на Земјата.
Во текот на облетувањето на темната страна на Месечината, ќе дојде до привремен прекин на комуникацијата меѓу астронаутите и контролата на Земјата, поради блокирањето на сигналот.
Членовите на екипажот на „Артемис II“ во последното вклучување истакнаа дека условите во овој дел од вселената се значително поразлични, што, според нив, има сериозни импликации врз научните набљудувања и истражувања.
Рид Вајсмен, дел од екипажот на Артемис
„Во моментов сме во тој дел од вселената кој претходно никогаш не сме го допреле и сè изгледа поинаку кога гледаме низ прозорците. Сè е поинаку оттука, верувајте, неверојатно е“, вели Вајсмен.
Виктор Гловер, исто така член на мисијата „Артемис“, оцени дека станува збор за историски момент за човештвото. Според него, мисијата ќе придонесе кон подлабоко разбирање на човековото место во вселената.
Виктор Гловер, дел од екипажот на Артемис
„Тоа што сега комуницирате со нас е затоа што ние сме во вселенско летало, а вие сте долу на Земјата. Но, верувајте, тоа има огромно значење за човештвото. Патот што ќе го поминеме од темната страна на Месечината ќе ни даде многу одговори на прашања на кои науката досега немаше одговор“, вели Гловер.
Од централата на НАСА информираат дека екипажот ќе има краток период без комуникација, што практично претставува пауза од постојаниот контакт со Земјата. Сепак, нагласуваат дека оваа ситуација е целосно предвидена и е дел од протоколите на мисијата.
Џуд Фрилинг, раководител на мисијата „Артемис II“
„За краток период ќе имаме тишина, односно ќе биде оневозможена комуникацијата со екипата во вселената, но тоа не треба да нè загрижува, бидејќи сè е однапред предвидено и брзо ќе се надмине“, вели Фрилинг.
За разлика од мисиите „Аполо“, кои летаа на околу 70 милји над површината на Месечината, „Артемис II“ ќе се приближи на околу 6.400 километри. Ова ќе овозможи сеопфатни набљудувања на целата лунарна сфера, вклучително и поларните региони. За време на шестчасовниот премин, астронаутите ќе ја набљудуваат Месечината со голо око и со камери, а се очекува и прекин на комуникацијата во траење од околу 40 минути, додека леталото се наоѓа зад неа.

