Мишковски во Аргумент плус: Кичево 8 години се гуши во миризба од депонијата, на 30 метри од ѓубрето живеат луѓе
Бојан Мишковски од граѓанската иницијатива за дислокација на депонијата во Кичево во Аргумент плус рече дека, Кичево веќе 8 години има проблем со депонијата која се наоѓа веднаш до населено место.
Според него, потребно е конкретно решение за граѓаните да не се гушат во миризба.
„Кичево мака мачи 8 години. Оваа депонија расте од ден на ден. Има куќи на околу 30 метри од депонијата. Во лето има неподнослива миризба и не знма како живеат таму. Лани се случи прв пат да има палење на депонијата и три дена градот беше под густ чад но и без запалување од тоа што има премногу отпад, половина град се гуши од миризба посебно навечер. Долг период имаше дива депонија кај градскиот стадион и во тој регион долго време се складираше отпадот и имаше проблем дека често се палеше и дополнителен проблем беше тоа што таму поминува река. Од ѓубрето реката го помести својот тек за 20 метри. Поради бунење од граѓаните кои живеат таму депонијата беше преместена“, рече Мишковски.
Тој рече дека граѓаните не даваат многу поддршка на иницијативите. Според него, можно е да станува збор за политички или институционални притисоци.
„Има бројни протести за оваа депонија но секогаш има мал одзив и не знаеме зошто е така, дали поради притисок од политички партии или институции. Јас и еден мој познаник решивме да почнеме инцијатива бидејќи сега има и избори и можеби ќе може да влијаеме да се реши проблемот. Со градоначалникот немавме лична средба, до него секако стигна нашата реакција и од него имавме информација дека се чека регионалната депонија“, додаде Мишковски.

