Мишел: Русија треба да даде одговор за оштетувањето на украинската брана

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска изјави дека Русија треба да даде одговор за делумното уништување на браната во Украина, укажувајќи на „воено злосторство“.

!Шокиран сум од нападот без преседан на браната Нова Каховка“, напиша Шарл Мишел во пораката на Твитер.

„Уништувањето на цивилната инфраструктура очигледно е воено злосторство и ние ќе побараме одговорност од Русија и оние поврзани со неа“, додаде тој.

Мишел напиша дека е со мислите со сите украински семејства погодени од оваа катастрофа и најави дека на следниот самит на лидерите на 27-те членки, на крајот на јуни во Брисел, тој ќе предложи помош за поплавените зони .

Браната Каховка, што се наоѓа во делот на Херсонската област, што е под окупација на Русија, денеска е делумно уништена, а Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за нејзината штета.

Оваа брана, што беше заземена од руските сили на почетокот на руската офанзива во Украина, го снабдува со вода полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година. Исто така, обезбедува вода за ладење на блиската нуклеарна централа Запорожје, што, исто така, е  контролирана од руските сили.

Хидроцентралата од советската ера изградена во 1956 година на реката Дњепар е една од најголемите инфраструктурни објекти од ваков тип во Украина.