Мирен протест на земјоделците во Штип

Над 200 хектари лозови и овошни насади, ниви со пченица, пченка и ориз стануваат непристапни за земјоделците од неколку кочански села. Денеска со мирен протест предупредија дека при изгарадбата на експресниот пат Штип-Кочани институциите и проектантите не предвиделе соодветни премини до нивите.

На педесетина  метри од преминот на новата делница е изграден подвозник, но наместо да биде асфалтиран и прооден за земјоделска механизација, во него е ископан канал за атмосферски води иако жителите барале овој премин да биде прилагоден за земјоделската механизација. Сега експресниот пат во изградба го минуваат преку импровизиран премин, но  наскоро и  тој ќе биде затворен, а сите локални патишта што водат кон полето ќе бидат блокирани.

Иако, како што велат, од Јавното претпријатие за државни патишта уште пред неколку месеци добиле уверување дека ќе се интервенира, тоа досега не е направено.