Министрите за правда и внатрешни работи на ЕУ го „затегнаа“ ременот за миграцијата и азилот

Европската унија најавува воведување најстроги миграциски мерки досега, за да одговори на растечките политички притисоци и стравот од засилување на екстремно десничарските движења низ Европа. Министрите за внатрешни работи на ЕУ во Брисел гласаат за пакет мерки кои би можеле суштински да ја променат идната миграциска политика на Унијата.

Решенијата предвидуваат формирање „центри за враќање“ за мигрантите чии барања за азил се одбиени, а тие би се наоѓале надвор од територијата на ЕУ.  Предвидено е и заострување на казнените мерки против лица кои одбиваат доброволно да ја напуштат ЕУ, што може да резултира со долг притвор или присилно отстранување.

Ова се образложува со потребата од „враќање на контролата“ и спречување на нерегуларните миграциски текови. Данскиот министер за имиграција и интеграција, Расмус Стоклунд, изјави дека „три од четири“ лица на кои им е издадена одлука за враќање сепак ќе останат во ЕУ. 

Расмус Стоклунд - министер за имиграција и интеграција на Данска

„За прв пат се воведуваат јасни обврски за лицата кои престојуваат нелегално, а членките добиваат поширока алатка, меѓу другото, подолг притвор и подолги забрани за влез“.

Според предлогот, должностите на барателите на азил вклучуваат соработка со надлежните органи, достапност до властите, поднесување на идентификациски или патни документи и биометриски податоци, како и забрана за попречување на постапката. Мерките предизвикуваат жестоки реакции. Организациите за човекови права предупредуваат дека ваквите политики ќе ја зголемат ранливоста на мигрантите, ќе ги поттикнат опасните рути и ќе создадат правна сива зона за илјадници луѓе. И неколку земји членки исто така изразуваат сомнежи. Франција ја доведува во прашање законитоста и практичната изводливост на центрите надвор од ЕУ, додека Шпанија предупредува дека ваквите модели веќе пропаднале во други држави.