Министрите од службената и од привремена Влада на Грција, положија свечена заклетва
Министрите од службената и од привремена Влада на Грција, положија свечена заклетва во Претседателската палата во Атина, по што следуваше и примо-предавање на функциите во Министерствата. Новата Влада, има мандат од еден месец и треба Грција да ја одведе на избори на 25 јуни. Владата брои 20 министри, а на позицијата премиер е претседателот на Судот на ревизори Јоанис Сармас.
Почесниот амбасадор Василис Каскарелис, кој е поранешен постојан претставник на Грција во ОН, во НАТО, како и во ЕУ, но и поранешен амбасадор во САД е инистер за надворешни работи. Привремениот претседател на грчката Влада Јоанис Сармас, вчера положи свечена заклетва, по што се сретна со, сега веќе поранешниот премиер Кирјакос Мицотакис, со што и официјално ја презеде функцијата.
Мицотакис му предаде обемен материјал со, како што рече, клучни и корисни податоци поврзани со работата на Владата и функцијата на државата.
„Би сакал да ја искористам оваа прилика да ви предадам прилично обемен коверт кој вклучува низа податоци кои верувам дека ќе ви бидат корисни, како што се збирна презентација на функциите и резултатите од претседавањето со Владата, спроведениот план на владината политика за 2023 година, детална белешка за меѓународните обврски на земјата, како и критичните оперативни датуми од следниот квартал како и годишните акциони планови на министерствата.“- изјави Кирјакос Мицотакис поранешен премиер.
Привремениот премиер на Грција истакна дека неговата Влада има надлежност да се спроведуваат законите до одржувањето на новите избори.
„Оваа Влада ќе биде службена влада, која секако ќе ги има сите овластувања, да го спроведува законот додека овде, во Премиерската пала, не се врати оној кој ќе произлезе од волјата на народот.“ - изјави Јоанис Сармас привремен премиер.
По изборите во неделата, ниту една од партиите не го обезбеди потребното парламентарно мнозинство за формирање Влада, а откако беа исцрпени сите уставни одредби беше формирана службена Влада која има една и единствена цел, да ја одведе Грција на нови избори.